Рецензија од читател: „Валтер Питерсе“ од Мултатули

Рецензија од читател: „Валтер Питерсе“ од Мултатули

Ново препрочитување на старите времиња

Кон романот „Валтер Питерсе“ од Мултатули

За мене, како вечен сонувач и личност на која Дон Кихот ѝ беше средношколска симпатија, читањето на едно од поновите изданија на „Мартина“ – романот „Валтер Питерсе“ со поднаслов „Приказна за Холандија“ од холандскиот автор познат како Мултатули дојде како вистинско откровение. Ќе бидам искрена, никогаш претходно немав слушнато ниту за авторот ниту за книгата. Дури по брзиот прочит на книгата во неколку дена и неверојатното воодушевување од неа, истражив малку на интернет и видов дека станува збор за многу влијателна книга и многу ценет автор, вистинска класика, и тоа со право.

Мултатули е навистина необичен автор, не само затоа што има необичен псевдоним (вистинското име на авторот е Едуард Дауес Декер). Тој не пишува за да го задоволи читателот, не пишува за да ѝ се допадне на генералната публика, настапува од пиедесталот на сезнаечки раскажувач, но се оградува од развојот на дејството во моменти кога „се сомнева“ во тоа како се одвивало. Иако за многумина може нема да биде допадлив поради несекојдневниот хумор и поради тоа што не пишува за вистински големи херои, дефинитивно ќе најде свои приврзаници кај оние што сакаат да читаат автори со препознатлив и уникатен стил.

Но кој е Валтер Питерсе и како тој се нашол во „приказната за Холандија“?

Ако очекувавте дека ќе прочитате прераскажана историја за Холандија, тогаш одлично ве излажал насловот на книгата. Мултатули ни ја прикажува Холандија на друг начин, такаречи персонифицирајќи ја преку својот херој од заднината, Валтер Питерсе. Точно е дека тука има податоци за едно холандско општество и еден холандски живот од некое неодредено време, но она што импресионира е токму овој чуден лик, кој од буквално сите – своето семејство, соседите, соучениците, целата висока средна класа – е осуден како шарлатан и несериозен млад човек. А и како да не биде? Валтер Питерсе знае и да лаже и да краде, не покажува соодветен успех на училиште и речиси како да не живее на овој свет. Се дружи со чудното семејство на докторот, се заљубува во обична перачка спротивно на сите протоколи и етикети и ја заменува Библијата за некој роман по име „Глориозо“!?

Но Валтер Питерсе е сонувач, мечтател, имагинативец, рицар во погрешно време, идеалист речиси како излезен од книгите. Тој си замислува дека е крал на некоја чудна планета, дека има сестра што станала ѕвезда, дека главната хероина на романот што го чита е заљубена во него. И ако Дон Кихот се бореше со ветерници, Валтер Питерсе разговара со пилани затоа што единствено тие го слушаат. И во овој необичен сплет на талкач и лудак е вистинскиот шарм на овој лик.

Замјатин рекол дека вистинска книжевност можат да напишат само ретки – „лудаци, пустинци, еретици, сонувачи, бунтовници и скептици“. Јас би рекла и дека само такви ликови ја прават вистинската книжевност.

Оттаму, не би ја препорачала книгата на љубителите на историска фикција што очекуваат драматични заплети и расплети. Но дефинитивно би ја препорачала на книжевните лунатици, зашто токму за нив е и напишана.

Ана Миладиновска

Напиши коментар