Совети како од своето дете да направиш страстен читач

Совети како од своето дете да направиш страстен читач

Градењето читачки навики кај децата почнува уште по самото раѓање. Развивањето љубов кон читањето ќе им служи на децата до крајот на животот. Но како да го натераш своето дете да ги засака книгите? Во продолжение ти нудиме неколку совети.

1. Биди му пример. Постојано нека те гледа како читаш.

Еден од најдобрите начини да му ја пренесеш љубовта кон книгите на детето, е да се поставиш како негов пример. Децата често ги копираат навиките и карактеристиките на своите родители, па така, доколку те гледа како наместо пред телевизор своето слободно време го поминуваш со книга во рака, голема е веројатноста и детето, уште од најмала возраст, да глуми дека чита некоја книга.

2. Читајте заедно барем по 20 минути во денот.

Во денешно време децата со преокупирани со секакви обврски, но токму затоа е пожелно да посветите барем 20 минути во денот кога ќе читате заедно. Освен што ова ќе му изгради читачка навика, истовремено ќе ја зголеми и вашата меѓусебна поврзаност.

3. Избери книга со ликови со коишто ќе може да се поврзе.

Кога детето ќе се поврзе со проблемите или карактеристиките на ликовите во книгата, полесно му е да ја доживее и сфати книгата. Одвреме – навреме дозволи му само да си ја одбере книгата што сака да ја чита.

4. Читајте заедно на глас, дури и откако детето ќе стане самостоен читател.

Дури и откако детето ќе научи да чита, мотивирај го да чита на глас. Ова му помага да чита потечно, да се изразува побогато, а исто така и да ги изговара зборовите поправилно и да има подобра дикција.

5. Поставувај му прашања поврзани со книгата што ја чита.

Прекинувај го додека чита на глас со прашања на коишто ќе можете да дискутирате. Ваквите прашања тебе ќе ти дадат увид во тоа колку детето ја разбира книгата, а него ќе го инспирираат повеќе да размислува и да ја бара суштината на секоја реченица.

6. Избегнувајте читање пред спиење.

Иако ова е честа практика кај сите семејства, научниците советуваат ова да се избегнува. Во тој период децата се најуморни и не можат активно и внимателно да ја следат приказната. Наместо тоа, се препорачува оваа активност да ја практикувате во текот на денот, или порано вечерта. Доколку сепак детето сака да заспива со приказна, тогаш изберете некоја бајка или краток расказ, при што нема да пречи доколку биде прекинат на пола. Имај на ум дека читањето пред спиење претставува дополнување на оние препорачани 20 минути на ден, а не нивна замена.

Запомни, децата по природа се темпераментни, па не очекувај дека читањето веднаш ќе им стане омилена активност. Имај трпение. Испробај ги овие совети и пиши ни го резултатот. Доколку ти се допаднаа, сподели ги со своите пријатели родители.

Напиши коментар