„Земјата на потекло“, всушност, е главно автобиографски роман. Едгар Ду Перон е роден во 1899 година, а ја поминал својата младост во Јава и голем дел од зрелоста во Европа.
Романот е претставен како приказ, или можеби дури и оправдување за животот на Дукро. Имено, Артур Дукро е главниот лик во романот, од кој поаѓа сѐ и во кој завршува сѐ. Артур Дукро го опишува своето детство во колонијалната Јава, како син на сопственици на плантажи, неговите обиди да се помири со своето двојно наследство и неговиот живот меѓу интелектуалците од Париз од 1930-тите.
Дукро е преполн со мисли, идеи, фантазии, од неговиот ум постојано извираат некои длабоки филозофски размисли и прашања за кои најчесто дискутира со своите пријатели. За него, средината на ноќта е време кога свеста се бори со спиењето и временските граници на неговиот живот стануваат магливи и сите опции за поправање на вистината преку фикција водат до искривување.
„Земјата на потекло“ изобилува со атмосферата на тропските предели, боите на пејзажот и глетките и мирисите на домашната храна. Описите на настаните, пејзажите, луѓето, архитектурата се однесуваат и на Индите и на Европа. Поглавјата за младоста на Артур Дукро, кој е всушност самиот автор Ду Перон, во Јава детално ја евоцираат колонијалната сцена додека го поврзуваат неговото образование, раното пријателство и првите љубовни врски. Од друга страна, пак, европските поглавја се посветени на првенствено со интелектуалниот живот во 1930-тите во Париз и Холандија.
Ристе Стефанов